Техничко одржување
Стабилно оперативно складиште со минимални локални приспособувања, најверојатно, ќе има прилично скромни потреби од техничко одржување. Веројатно најважниот фактор е да се проверат поставките за безбедносни копии и да се осигурите дека вашето складиште ги прави најмалку еднаш дневно. Треба соодветно да проверувате како би го враќале материјалот од безбедносната копија и кое би било времето потребно за тоа.
Ако вашето складиште го одржува друго тело, на пример ИТ одделот на вашиот универзитет, тогаш за ова и за други ад хок решенија на проблеми и поддршка, предност е ако се обезбеди именуван контакт – идеално е тоа да биде лицето кое го инсталирало складиштето – наместо да мора да се користи општата ИТ поддршка. Можеби е добро да се преговара за договор за ниво на услугите за да се обезбеди брзо решавање на сите проблеми.
Надградби на софтверот
Надградбите на софтверот имаа поголеми технички барања. Надградбите може да бараат значителен напор, особено ако се направени големи измени на софтверот и /или поврзаната база на податоци, или ако многу сте ја приспособиле вашата страница. Потребното време зависи од случај до случај, но можеби ќе треба да земете предвид дека ќе трае една недела или месец, или повеќе за целосна техничка работа. Може да помогне ако се направи прелиминарна вежба за утврдување на опсегот за да се утврдат задачите кои треба да се завршат и да се процени потребниот труд. Што се однесува до инсталирањето, ако е можно, потребно е да се додели технички персонал со полно работно време за време на надградувањето.
Има три вида надградба на софтверот:
- Закрпи на софтверот – Овие го надополнуваат инсталираниот софтвер и обично средуваат одредени багови или безбедносни проблеми
- Помали надградби – Овие обично поправаат багови и/или помали функционални подобрувања и обично ги вклопуваат сите претходни закрпи. Во многу случаи, не треба да направите ништо, освен да ги симнете и да ги инсталирате документите за надградба
- Големи надградби – Овие можат да предизвикаат промени во моделот на податоците (на пр. начинот на кој информацијата е складирана во базата на податоци) и/или радикални промени на корисничката меѓуврска. Следствено, можеби ќе треба да ги преселите вашите постоечки податоци во нов формат на податоци, повторно да ја приспособите корисничката меѓуврска и веројатно да ги модифицирате вашите работни текови и совети до депозиторите
Кој и да е типот на надградба, ќе морате да го направите систематски. Внимателно читајте ја придружната документација за да откриете кои се можните импликации. На пример, дали ќе морате повторно да го приспособите софтверот? Дали ќе мора да го исклучите сервисот додека се инсталира надградбата?
За сите, освен за најмалите закрпи и надградби, можеби ќе морате да извршите пробно користење на развојната инсталација. Тука би го преправиле секое приспособување, ќе ги развиете и тестирате вашите скрипти за преселба на податоци и ќе спроведете тестови на прифаќањето. Користејќи го ова искуство потоа можете да ги испланирате чекорите кои се потребни за конечното менување, за да може да се заврши во најкратко можно време со најмало можно нарушување за крајните корисници.
Ако треба повторно да го приспособите софтверот, белешките кои ги правите кога првпат го инсталирате софтверот ќе бидат незаменливи. Ако имате среќа, можеби ќе треба само да ги повторите истите чекори, но ако радикално се сменила функционалноста на софтверот, можеби ќе треба да направите понатамошни модификации. Уште еднаш, темелно документирајте ги промените кои ги правите.


