nav-left cat-right
cat-right


Авторски права

Едно од клучните правни прашања коишто ќе влијаат врз развојот и употребата на складиштето се авторските права. Со нив се заштитуваат идеите кои се врзани со оригинално дело. Тоа дело може да биде дел од кој било медиум, на пример, литературно, драматуршко, музичко, артистичко – сиве овие форми може да бидат вклучени во складиштето. Авторското дело му овозможува на сопственикот на правата да ги ограничи другите од употреба или од копирање на неговата работа. Токму ова може да влијае врз тоа како ќе се користи и ќе се дистрибуира содржината на складиштето.

Делот подолу дава кусо запознавање со прашањата поврзани со авторските права, коишто треба да бидат земени предвид кај слични видови дела депонирани во складиштето. Повеќе информации за авторските права и авторски права и складишта може да се пронајдат во Завод за заштита на интелектуална сопственост и КЗИС Правна информативна служба.


Научни трудови во списанија

Авторски права на литературно дело, како што се научни трудови, прво ги има авторот или авторите на тоа дело. Но, кога научниот труд се објавува, авторот ги отстапува авторските права или на издавачот му дава лиценца за авторски права. Иако поголемиот дел од издавачите и списанијата им дозволуваат на авторите потоа да си ги архивираат своите дела под одредени услови, останатиот дел се порестриктивни. Во зависност од индивидуалниот договор којшто е потпишан, авторот, повеќе или помалку, го задржува правото да го користи научниот труд. Некои договори му забрануваат на авторот да го фотокопира научниот труд, да го користи на предавање или да го објави онлајн. Други договори, пак, се полиберални и му дозволуваат на авторот да ги задржи правата да го користи научниот труд онака како што тој/таа ќе посака.

Сервисот RoMEO на SHERPA нуди листа на издавачи на списанија и нивните договори за авторски права, детално објаснувајќи како издавачот генерално ќе му дозволи на авторот да го користи своето дело на веб и во рамките на складиштето. Во повеќето случаи, разликата се прави меѓу претпечатењето и постпечатење на научниот труд. Овие термини често се користат за да се опишат последователните фази во разработката на научниот труд. За жал, истите термини различни луѓе, различно ги користат и ги толкуваат, што може да предизвика забуна и двосмисленост.


Претпечатење наспроти постпечатење

Според едно значење со терминот претпечатење се опишува првичната нацрт-верзија на научниот труд, пред да биде рецензиран, всушност уште пред да дојде во контакт со издавачот. Ваквото толкување на терминот е вообичаено меѓу академиците, за кои клучната промена на научниот труд е во процесот на рецензија.
Според друго толкување на терминот претпечатење се работи за готов научен труд, рецензиран и подобрен, готов и прифатен за печатење, но различен од верзијата којашто е технички подготвена за печатење или форматирана од страна на издавачот. Ваквото толкување повеќе се употребува меѓу издавачите, за кои финалната и важна фаза во модификацијата на научниот труд е уредување на материјалот за печатење.

Во сервисот RoMEO, пак, претпечатење значи верзијата на весникот пред да биде рецензиран, а постпечатење е верзијата на весникот по рецензија со сите направени промени. Гледано содржински, ова значи дека постпечатени се статиите онака како што се објавени. Гледано од аспект на појавување, ова може да не биде исто како и објавена статија, бидејќи издавачите често си ги задржуваат правата за сопствена подготовка и изглед на печатената статија и нејзино форматирање.
Некои издавачи инсистираат авторите да користат ПДФ-формат подготвен од издавачот. Ова е најчесто бидејќи издавачот сака нивниот материјал да биде оценет како професионален ПДФ-производ, којшто е во согласност со препознатливиот стил на компанијата. Но, така форматиран фајл е авторско дело на издавачот и не може да се користи без соодветна дозвола. Тоа значи дека авторот не може да го користи ПДФ-фајлот подготвен од издавачот, туку мора да си направи сопствена ПДФ-верзија за да го стави во складиштето, или да направи верзија во друг формат, како што е МС ворд.

Барања за користење објавен материјал

Образец за барање може да се користи за да се напише писмо до издавачот, барајќи дозвола да се стави материјал во складиштето во името на академски автор. Некои издавачи инсистираат авторот лично да им напише барање или да им испрати мејл за дозвола за складирање копии во складиштето. Во вакви случаи, може да биде корисно ако на авторот му дадете алтернативен образец, кој ќе му помогне да го напише неговото барање.

Пример на таков образец е на располагање од SHERPA.


Книги и поглавја од книги

Се разбира, различни се дозволите за вклучување содржина од книга за разлика од научни трудови, дури и во иста издавачка куќа, така што RoMEO не ги покрива договорите за авторски права за книги. Поради тоа, најдобро е да се видат договорите за пренос на авторски права потпишани од авторот или некој сличен договор достапен на веб-страницата на издавачот, па дури ако е неопходно авторот и директно да го контактира издавачот.


Помош за авторите во врска со договорите за објавување

Алатка за авторски права, која е развиена преку истражувања на JISC, SURF и RoMEO, нуди совети и за авторите и за издавачите во врска со договорите за издавање и лиценци. Целта е да им се помогне на авторите и на издавачите да постигнат баланс меѓу овозможување максимален пристап до научниот труд и финансиска компензација за објавување од страна на издавачите на трудот. Во „алатките“ може да пронајдете и вовед во договори за објавување и лиценци, како и урнек текст за двата видови документи. Всушност, постои  Лиценца за објавување, која секој автор може да му ја прати на издавачот на разгледување, наместо договорот на издавачот, и во која јасно е содржана желбата на авторот да стави верзија од трудот во нивното институционално складиште.


Мултимедија

Може да има многу нивоа на авторски права во рамките на мултимедијални депозити како и други правни аспекти, како што е правото на изведувачот и заштита на податоците. Затоа секој депозит треба да се разгледува како поединечен случај за да се осигури дека се покриени сите аспекти.


Неподвижни слики

Како и кај оригиналното литературно дело, првичното авторско право на оригиналната фотографија му припаѓа на креаторот. На пример, кога се работи за слика, првичното авторско право го има сликарот, ако станува збор за фотографија, авторското право го има фотографот. Но, кај фотографиите мора да се води сметка да не вклучуваат дело со нечии авторски права, исто така познато и како авторски права на трето лице, односно фотографија на нечија слика или скулптура што не е јавно објавена.

Разгледување на заштита на податоци, неморал и сродни области, вклучително и заштита на деца и клевета, може да бидат предмет на релевантни закони, коишто треба да бидат разгледани пред една слика да биде депонирана и дистрибуирана преку складиштето.


Подвижни слики

Со Copyright, Designs and Patents Act 1988 (Законот за авторски права, дизајн и патенти од 1988) ’секој медиум од кој подвижните слики може да бидат продуцирани на каков било начин’ ќе се смета за ’филм’. Затоа во оваа категорија се вклучени видеа, анимации, како и снимки од компјутерски игри. Кај филмовите, првичните авторски права ги има продуцентот и ако тој или таа се индивидуални лица, тогаш правата ги има главниот директор. Но, авторски права може да има и за приказната којашто се изведува, за кој било дијалог или/и за која било употребена музика или звук. Мора да бидат земени предвид и правата на изведувачот.


Звучни записи

Авторските права во однос на звучните записи (во коишто спаѓа музика, говор или песни) се слични како оние што се однесуваат за филм. Првичните авторски права ги има продуцентот, но други авторски права може да има и во секоја изведена музика, изведен текст или рецитирана проза. Правата на изведувачите, исто така, треба да бидат земени предвид.


Права на изведувач

Складишта коишто се занимаваат со аудиовизуелни и наставни материјали може да најдат бројни стратегиски совети и обрасци во Алатки за стратешка соджина на правата од интелектуална сопственост.

Ако одредено дело содржи и изведба (во којашто може да спаѓа глума, свирење инструмент, танц, песна или мимика), индивидуата која ја прави изведбата има свои права во рамките на снимањето, филмувањето и дистрибуцијата на таа изведба. Изведувачот најпрвин треба да даде јасна дозвола за изведбата да може да биде филмувана или снимана, а онаму каде што е снимена или филмувана со дозвола, потребно е да се обезбеди дозвола од изведувачот за таа да биде копирана и дистрибуирана. Правата на изведувачот се прекршени кога некој ќе изврши нешто од горенаведеното без дозвола на изведувачот. Изведувачките права се прекршени и кога некој ќе игра или ќе покаже нелегална снимка од изведбата во јавноста, или од некој кој дистрибуира нелегална снимка во јавноста. Затоа ако изведеното дело е депонирано и достапно преку складиштето, а познато е дека нема дозвола за снимање или прикажување од страна на изведувачот, и тој којшто е одговорен за складиштето ќе биде одговорен за прекршокот, заедно со оние коишто ја направиле и ја копирале нелегално снимената изведба.


Тези и експозеа: Фер однос и авторски права на трето лице

Специфични совети за отворен пристап до тезите и експозеата се достапни преку EThoS алатките.

Постојат одредени примери на „фер однос“ каде што материјали со авторски права на трети лица, може да бидат користени без дозвола на носителот на правата. Двата најважни примера во рамките на академската работа се користењето на: некомерцијални истражувања и приватни студии, критики, рецензија и извештај за актуелни случувања. Фер односот нема строга дефиниција, но може да биде оценет земајќи го предвид економското влијание врз носителот на авторските права при користење на неговото дело на тој специфичен начин. Ако има минимално економско влијание врз носителот на авторските права може да се смета како фер однос. Кога и да се користат авторски заштитени материјали во овие инстанци, потребно е носителот на авторските права да биде навремено известен.

Често се случува во дела направени од студенти, како што се тези и експозеа, да бидат вклучени материјали заштитени со авторски права, без дозвола од носителите на правата, што е фер однос. Но, депонирање и дистрибуирање дела коишто вклучуваат материјали заштитени со авторски права преку складиштето, се сметаат за надминување на рамките на фер односот поради што се сметаат како прекршување на авторското право на одредена личност. Ако стратегијата за депонирање на складиштето сака да вклучи и тези и експозеа, пред да ги вклучи ваквите дела и пред тие да станат достапни прво треба да се разгледа како да се приспособат деловите што се однесуваат на авторски права на трети лица во нив. Идеално, секој нов студент чие дело потенцијално може да биде вклучено во складиштето, треба да помине обука за авторски права и активно да бара дозвола за употреба на кое било туѓо дело. Во некои случаи можно е да се добие дозвола за ретроспективна употреба на авторски заштитено дело. Меѓутоа обидот подоцна да се добие дозвола може да биде потежок, особено ако информациите за контакт повеќе не се достапни или важечки.

  • Share @ Ping.mk