Повлекувањето на ваквиот Предлог-закон е неопходно за да се спречи инвазија врз приватноста на граѓаните во Република Македонија. Во продолжение се наведени дел од причините за тоа:

  • Со ваквиот Предлог-закон се нарушуваат основните постулати на Уставот на РМ, пред сè член 17, кој ја гарантира неповредливоста на слободата и тајноста на писмата и сите други облици на општење, оти се овозможува отстапување од ова начело без судска одлука, како и член 25 кој гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот.
  • Со предлог-законот се прекршува Европската конвенција за човекови права и други меѓународни договори ратификувани од Собранието на РМ.
  • Предлог-законот не е усогласен со одредбите од Директивата 2009/136/ЕК на Европскиот парламент и Советот на ЕУ.
  • Со предлог-законот неоправдано се проширува основата за следење на комуникациите на граѓаните, наспроти нормите воспоставени со Законот за заштита на лични податоци, Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка.
  • Со предложените измени се воведуваат низа непрецизни формулации со кои се создаваат законски можности за арбитрарна и неограничена примена на прислушкување и други облици на следење на електронските комуникации, без можност за контрола според принципите на транспарентност и отчетност.
  • Со предлог-законот се овозможува МВР да има „постојан и директен пристап“ до електронските комуникациски мрежи и објектите на операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги, како и „услови за самостојно преземање на податоците за сообраќај“, што ќе ја направи Република Македонија една од ретките, а веројатно и единствената земја во светот во која државен орган има такви овластувања, без можности за надворешна контрола.1
  • Задолжувањето на операторите „на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс“ за следење и чување на комуникациите ќе предизвика значителен финансиски трошок врз нивната работа што од една страна може да доведе до зголемување на цената на чинење на нивните комуникациски услуги за корисниците, а од друга страна можност за зголемување на доминантната положба на пазарот на операторите кои имаат значителна пазарна моќ.
  • Процесот на изготвување на предлог-измените е спроведен на нетранспарентен и неинклузивен начин, без овозможување на учество на релевантните институции (Делегација на Европска Унија во РМ, Дирекцијата за заштита на личните податоци), како и стручната јавност, приватниот и граѓанскиот сектор.

Во прилог на овој повик Ви ги доставуваме следните документи:

Иницијатори

Листа на невладини организации и поединци кои ја поддржаа оваа иницијатива:

НВО

Поединци кои досега искажаа поддршка преку е-пошта

  • Наташа Јованова
  • Никола Гелевски
  • Кристина Хаџи-Василева
  • Гордан Калајџиев
  • Ане Тунтев
  • Јасмина Џуровска
  • Никола Тупанчески
  • Сузана Лошковска
  • Дарко Јаневски
  • Ферид Мухиќ
  • Авни Азири
  • Абдулселам Канзоски
  • Александар Гелевски
  • Јован Јовчески
  • Слободан Јаќоски
  • Јасна Котеска
  • Васко Цацаноски
  • Ива Михајловска
  • Гордана Бужаровска
  • Ивана Драгшиќ

…како и над 240 поддржувачи на каузата на Фејсбук (податок од 15 ч, 11.6.2010), чии имиња ќе бидат додадени во финалната верзија на документот.

Доколку ја поддржувате оваа иницијатива, испратете порака преку е-пошта до info (at) metamorphosis.org.mk до 10 јуни 2010 година (четврток) во 12 часот, и точно назначете дали се јавувате во име на организација, институција или во лично име. Иницијативата може да ја поддржите и на Фејсбук, преку каузата:

______________________
1Преку додавање нова точка 47 во член 4 на Законот за ел. комуникации и нови ставови во постоечкиот член 112

Сподели: